← Назад кон вести

October 14, 2026

Три од четири за нашите младински екипи

Три од четири за нашите младински екипи

Четири натпревари, четири генерации и три победи. Нашите младински екипи одиграа исполнет натпреварувачки викенд, а билансот зборува сам за себе. Зад секој од овие резултати стои работата што се прави секој ден во салата, тренинзите, патувањата и посветеноста на децата и тренерите.

М-16: Борец Баскет - ИБА 2 Скопје 88:46

Најубедливата победа ја остварија момчињата од М-16. Разлика од 42 поени зборува за натпревар во кој нашите кошаркари го контролираа темпото од почеток до крај и не дозволија противникот да се врати во игра.

М-16 на Борец Баскет по победата над ИБА 2 Скопје

М-14: Борец Баскет - Феникс 2010 95:74

Феникс 2010 е екипа што секоја година е во борбата за највисоките места, а и оваа сезона е меѓу фаворитите. Токму затоа оваа победа има посебна тежина. Нашите најмлади постигнаа 95 поени против еден од најсериозните конкуренти и покажаа дека и оваа генерација може да се носи со најдобрите.

М-14 на Борец Баскет по победата над Феникс 2010

М-18: Борец Баскет - Вибас Скопје 80:58

Овој натпревар имаше своја приказна. Вибас Скопје е наш лански ривал, екипа што минатата сезона нè совлада во четвртфиналето и продолжи до Фајнал 4. Овој пат одговорот го дадовме на теренот. Победа со 22 поени разлика и мал „реванш“ за минатата сезона.

М-20: МКК Куманово - Борец Баскет 89:83

Единствениот натпревар на гостински терен го донесе и единствениот пораз. Водевме поголемиот дел од натпреварот, но во последната четвртина уморот го направи своето. Играта ни падна, а домаќините со серија од 19:5 направија целосен пресврт и стигнаа до победата.

Вреди да се напомене дека најефикасен кај нас беше Стефан Сапроновски, за кого домаќините немаа одговор повеќе од 30 минути. Натпреварот го игравме без клучниот играч Кристијан Коцевски, кој се повреди на натпреварот во М-18 претходниот ден. За среќа, не се работи за сериозна повреда.

Ваквите порази болат, но и претставуваат лекција. Шест поени разлика на гостински терен, без еден од најважните играчи, е натпревар од кој може многу да се извлече.

Генерации што растат

Три победи и тесен пораз на гостување се добар почеток за нашите младински селекции. Повеќе од резултатите нè радува тоа што секоја генерација има свој идентитет и карактер на теренот. Тоа е и целта на работата во клубот: да растеме заедно, натпревар по натпревар.

Продолжуваме!

Сподели